fbpx
Интервјуа

Посетеноста на е-продавниците е одлична, но, им недостига промоција и рекламирање

Посетеноста на е-продавниците е одлична, но, им недостига промоција и рекламирање, вели Илија Серафимов, основачот на „Серафимов Груп“, компанија која доби грант од Фондот за иновации и развој.

Пет прашања – пет одговори за Серафимов, човекот кој креираше нова идеја преку која придонесува за спречување на последиците од ковид-19 кај фирмите во приватниот сектор, преку нивно „селење“ во е-трговијата.

Господине Серафимов, Вашето решение е едно од добитниците на грант од Фондот за иновации и развој, со цел справување со последиците од ковид-19. Фокусот го ставивте на отворање на 25 електронски продавници од југо-источниот регион во услови кога компаниите се физички затворени. Каков е досегашниот ефект од проектот и од која област се избраните правни лица?

Ефектот е одличен.

– Да, така е. Според посетеноста на електронските продавници, ефектот е одличен. Голем број од добитниците на електронските продавници, се уште не успеале да се изреклимираат, како што треба. А, веќе имаат помеѓу 200 и 300 посети на ден, само поради фактот што луѓето пребаруваат производи или услуги, кои им се потребни, и “не сакајќи” ги наоѓаат електронските продавници на нашите добитници. Внимававме да има од сите области: оптика, супер маркети, играчки, кабловски и интернет оператори, бутици, книжарници, кафеа, слаткарници, авто-делови, видео игри, санитарија и ќерамика, постелнини и долна облека, ѕидни и подни облоги, завеси и декорации за дом, па дури и продажба на билети.

Кои ќе бидат нивните услови? Дали веќе се снаоѓаат во онлајн функционирањето и каков е повратниот фидбек?

– Нивните услови се, најпрвин, решението да не смеат да го угасат за помалку од две години. Напротив, да го администрираат, одржуваат и редовно да го надградуваат. Дел од нив се снаоѓаат и започнаа многу добро да ги работат. На останатиот дел им помагаме да воведат еден вид на систем. Односно да си назначат личност или тим, со кои работата на ажурирање на податоци и примање и испорака на нарачки, ќе им оди полесно, попрецизно и поефиктивно, воопшто. Се зависи и од карактерот на компанијата. Некои се похрабри и поентузијасти, па одвај чекаа да започнат. Други, пак, се воздржани и додека не биде секоја точка и запирка како што замислуваат дека треба да биде, не сакаат да стартуваат. Различни компании, различни начини на размислување. Што е одлично, и во ред, и во двата случаи.

Скепса спрема нешто ново

Генерално, иако од година во година на национално ниво се зголемува продажбата преку интернет, сепак, голем дел од граѓаните се уште гледаат со скепса кон онлајн продажбата. Како ќе успеете да ги убедите во спротивното за промена на навиките?

– Драстичен е растот на продажбата преку интернет на национално ниво во 2020 година. Само во првите три месеци од 2020 година, бројот на Македонци, кои извршиле трансакции со картички кон македонски електронски продавници, е за 61,5 отсто поголем, во споредба со првите три месеци на 2019 година. Скепсата спрема одредена работа, посебно спрема нешто ново, секогаш ќе постои. Тоа си е до самиот човек. Единствено за што треба да се бориме, е со тек на време, таа да се намалува, а да исчезне, нема никогаш. Што се однесува до убедувањето, мислам дека повеќе нема потреба да убедуваме никого во ништо.

Е-трговијата е реалност, и ние, неколку компании во Македонија, успеавме во последните три години е-трговијата да ја претвориме од „Да, тоа е иднината” во „Не, тоа е сегашност веќе некое време, а ние доцниме“. Така што, верувам дека на оние кои се уште им е потребно убедување за да ги променат сопствените навики, за многу кратко време, доколку не го направат тоа сами, ќе живеат во свет, каде многу едноставните работи, како плаќање сметки или нарачка на намирници, тие ќе продолжат да ги прават на многу посложен начин, кој непотребно и неповратно ќе им одзема време и енергија.

За три години сите ќе имаат онлајн продавници

Каква беше досегашната состојба во регионот во однос на областа на е-трговијата?

– Во нашиот регион, Македонија, освен од Албанија и покраината Косово, заостанува од останатите земји, просечно, околу седум години во однос на е-трговијата. Јас бев импресиониран при едно мое патување во Бугарија во 2007 година. Кога сакав да купам музички албум од една продавница, а кој во моментот го немаа на залиха, ми дадоа визит карта со нивната електронска продавница и ми рекоа дека слободно можам да си го нарачам посакуваниот албум онлајн. Во тоа време, во Македонија електронска продавница имаше само Македонски Телеком, колку што јас се сеќавам.

Колку е битно според Вас, влегувањето во онлајн продажбата преку интернет да продолжи и во иднина?

– За три години од сега, нема да има побитна работа од тоа да се биде онлајн. Сите ќе имаат електронски продавници. Сите бизниси. Мали, големи, трговци поединци… буквално сите. Единственото мерило за релевантност и професионалност, ќе бидат изгледот и функционалноста на вашата електронска продавница и вашето онлајн присуство. Без се друго ќе се може и се друго ќе биде на второ, трето, петто место по важност. Само во „e” делот, ќе нема простор за компромис. Ако се одлучете да преминете во „e”, а верувајте ми, ќе немате избор, тоа значи 24/7 професионализам. Одговор на сите добиени прашања, навремена достава, ажурирана и прецизна залиха, редовно следење на технологиите и брзо прилагодување на новите трендови. Или накратко: најпрекрасната работа, што може да му се случи на вашиот бизнис. Затоа не чекајте, станете „е-трговец” уште денес. Позиционирајте се навреме, затоа што само првите се први, а сите останати се само уште еден плус.

новинар: Петар Клинчарски за бизнис магазинот Анторис.

WordPress and WHMCS integration by i-Plugins